Mavrovo tour flyer



ИнформацииПрограмаМапаФормулар за регистрацијаГалеријаEnglish version

Велосипедска и пешачка тура Маврово


Маврово турата 2012 ќе се одржи во сабота и недела на 16 и 17 јуни. Покрај рекреативната тура околу езерото ќе се организира и професионален маратон и полумаратон како и дополнителни активности за вљубениците во природата од сите возрасти, како што се активностите организирани од Сојузот на извидници на Македонија, кајакарство и планинарење. Организаторите ќе обезбедат автобуски превоз (150 МКД за автобуска карта и 50 денари за превоз на велосипед). Благодарение на поддршката од спонзорите, сите средства собрани од годинешната Маврово тура ќе бидат донирани за хуманитарната акција МОЖЕШ АКО САКАШ: да изградиме детски ургентен центар на Клиниката за детски болести.


Следејќи ја традицијата, ќе биде организирана лотарија со многу интересни награди, како што се велосипед, викенд во еден од хотелите во Маврово и вредносни ваучери. Сите ќе можат да учествуваат во лотаријата со купување на посебно дизајнираната маичка или купоните за лотарија. Секој што ќе ја носи маичката Маврово тура 2012 ќе има слободен влез во жичарата и пештерата Шаркова дупка.


Оваа година имаме и два нови партнери: Кајакарската асоцијација на Македонија и Сојузот на извидници на Македонија, кои ќе организираат различни активности за сите присутни. Неколку македонски музички ѕвезди ја поддржуваат Маврово турата и хуманитарната акција: Александар Белов и Александра Пилева веќе го потврдија своето присуство, а децата од Маврово и Ростуше подготвуваат специјален настап за сите гости.


Пазарот што ќе биде поставен на Плоштадот Маврово ќе биде отворен во текот на целиот ден за сите што ќе сакаат да купат некој сувенир или домашно приготвена храна. Доколку сте од регионот на Маврово и би сакале да продавате домашно изработени производи ве молиме да контактирате со организаторите.


Маврово турата беше за прв пат организирана во 2009 година, како иницијатива на Амбасадата на Кралството Холандија, Општината Маврово и Ростуше и Националниот парк Маврово. Целта на оваа тура е да се промовира велосипедизмот, здравиот начин на живот и туризмот во регионот на Маврово. Сите хотели околу Мавровското езеро и Велосипедската федерација на Македонија ја поддржаа оваа иницијатива.


Посетете ја нашата Фејзбук страница: www.facebook.com/MavrovoTour


*Иако организаторите на турата Маврово секогаш преземаат сè што е во нивна можност да осигураат безбеден транспорт на велосипедите, тие не преземаат одговорност за штети што можат да настанат за време на превозот.

 

 

Организирано од:

Kingdom of Netherlands Mavrovo National Park Municipality

Спонзорирано од: