Од пештерите најпознати се Шаркова дупка, Алилица и Калина дупка но регионот изобилува со уште многу вакви пештери преку целата своја територија. Шаркова дупка се наоѓа во Општина Маврово-Ростуше, во националниот парк Маврово, блиску до зимскиот туристички центар, поточно во селото Маврово. Пештерскиот бисер е лоциран во непосредна близина на последните куќи од селото или веднаш под хотелот "Бистра". До влезот има 10-ина минути пешачење по изградена патека и скалила. Пештерата Шаркова Дупка, која е втората македонска пештера отворена за туристите, е заштитена со железна врата и со решетки, украсена со полукружни метални скали и целосно осветлена со рефлекторi. Пештерата е откриена пред повеќе од три децении од страна на локалното население кое што тогаш се плашело да влезе во неа. Селанецот со прекар Шарко, кој живеел во непосредна близина на пештерата, прв собрал храброст. Тој исекол неколку дрва, ги спуштил во дупката и, со јажиња и со помош од соседите, успеал да влезе во внатрешноста на пештерата. Оттаму пештерската убавица си го добила името Шаркова Дупка. Пред влезната врата е поставена табла со мапа, која ги објаснува пештерските украси и богатиот животински свет со кој изобилува Шаркова Дупка. Посетителите се спуштаат во внатрешноста на пештерата со железни полукружни скали, кои водат во првата јама или дворана, на околу 20 метри под земјата. Таму температурата е под 12 Целзиусови степени. Подземната убавица ја красат сталактити, сталагмити прекриени со корали, сливови драперии и друг пештерски накит, кој дава слика на негибната убавина. Бидејќи почвата е богата со железо, повеќето од украсите се со карактеристична црвеникаво-кафена боја. Во Шаркова Дупка има разновиден животински свет: лилјаци, пајаци, гуштери, разни видови инсекти. Шаркова Дупка за некоја година може да стане вистинска туристичка атракција и да придонесе за развој на туризмот во Маврово. 



- Пештерата се наоѓа на околу 4 километри од Тресонче во средината на планината Бистра, од десната страна на Тресонечка Река на доста непристапен терен. Овој пештерски систем го сочинуваат два пештерски отвора - канала: Долна и Горна Алилица кои меѓу себе се поврзани со вертикален и со кос канал. Овде долината е во форма на клисура и е симетрична. Помеѓу отворите на Долна и Горна Алилица се наоѓа огромен сипар составен од распаднат варовнички материјал. Крајните делови на сипарот достигнуваат до самиот речен тек. Во пошироката околина на овој пештерски систем преовладуваат варовници, чија моќност достигнува неколку стотици метри. Всушност, комплексот Алилица претставува комплексна и сложена пештера која се состои од два континуални канала, што се наоѓаат на различна надморска висина и кос канал што ги поврзува. Неа, како што споменавме, ја сочинуваат Долна и Горна Алилица. Долната е подолга и од Горната. Влезот на пештерата Долна Алилица, којашто има елипсовидна форма, се наоѓа под стрмен варовнички отсек во нивото на Тресонечка Река на надморска височина од околу 1.450 метри надморска височина. Неговата експозиција е јужна. Висината на влезниот отвор е два метри, а ширината е 5,5 метри. На самиот влез се наоѓа ситен речен материјал, песок и чакал, наталожен од Тресонечка Река, што понекогаш го чини влезот целосно непристапен. За Долна Алилица е карактеристичен подземниот воден тек што се среќава по целата должина, со исклучок на почетокот на каналот, додека Горна Алилица е сува пештера.  Каналот на Горна Алилица е инверзно наклонет, а на Долна - континуелно кон излезот, што значи дека првиот постепено се спушта кон внатрешноста, а вториот постепено се издига. Во Долна Алилица карактеристични се големи блокови камења урнати од таваницата, така што на дното од каналот се формирани разновидни акумулативни творби, а на таваницата ерозивни творби, кубиња, сводови и др. Во Горна Алилица од акумулативните творби се истакнуваат кади и каскади наредени една до друга. Најголемата има димензии 3 - 2 метри, а висината и е 40 см. И во едната и во другата се среќава наталожен речен материјал, чакал, кој по површината е карбонизиран, неговата дебелина, особено во долниот канал, изнесува 3 метри. Ова нî упатува на постоење пештерска акумулативна тераса, а и на подземен речен тек во Горна Алилица. Во Долна Алилица со регресивна ерозија добар дел од чакалите се однесени. Ова ни укажува и на зголемена механичка ерозија и корозија, што ја врши пред сî, подземниот речен тек и водата прокапница, од една страна, а од друга страна, овие акумулативни тераси зборуваат дека и во Горна Алилица постоел посилен подземен водотек. Одводнувањето на планината Бистра во овој дел се врши преку површински водени текови на Тресонечка Река, а и подземно преку подземниот тек на Долна Алилица. Подземниот водотек во Алилица понира на местото кај точката 4, а бидејќи има повеќе извори во ниво на речните текови на Тресонечка Река, спелеолозите во неколку наврати пристапија кон боење на подземната вода. Целта беше да се констатира каде се движи водата од подземниот тек, односно да се утврдат подземните врски и можности за појавување на оваа вода низ околните планински извори. Во самата пештера е извршено боење со флуоресцеин. Спелеолозите претпоставуваа дека флуоресцеинот ќе се појави во водата од еден карстен извор што се наоѓа на околу 500 метри низводно од влезот на пештерата. Меѓутоа, бојата во овој извор воопшто не се појави, но по три дена се обоија водите на Тресонечка Река, од некои други непознати извори. Констатирано е дека овде веројатно има смена на пропустливи и непропустливи карпи, на што укажуваат и големите акумулации чакал во горниот пештерски канал, што значи дека постојат и независни подземни текови и пукнатини во карстот и во планината. Независни подземни текови се јавуваат како резултат на смената на горните карпи во вертикала, така што овде примерот на загатен карст не е карактеристичен. Тој е претставен во пониските делови. Вкупната должина на пештерските канали во системот Алилица изнесува 590 метри.
|