ЈУНП Маврово во соработка со останатите национални паркови од републикава учествуваше на меѓународниот саем за туризам во Охрид кој се одржа од 17 до 19.01.2009. Промотивните штандови на кои своите туристички понуди ги изложија повеќе домашни и странски туристички организации, национални паркови и општини беа поставени во спортската сала “Биљанини извори„ во Охрид. Освен промотивниот дел во склоп на саемските активности беа одржани неколку советувања, конференции и презентации поврзани со туризмот и развојот на истиот. Свеченото отварање-конференција се одржа во свечената сала на хотелот Инекс каде што свои говори одржаа повеќе видни гости претставници на Европската унија, интернационални туристички асоцијации како и претставници на владата на Р. Македонија. Националниот парк Маврово успешно ги презентираше своите досегашни заложби за развојот на туризмот во регионот како и идните планови кои интензивно ќе започнат да се реализираат веќе од почетокот на оваа година. Од посетата произлегоа предлози за меѓусебна соработка со неколку туристички оператори- агенции од републикава како и оператори од Бугарија, Србија, Срна гора, Босна и др. кои се заинтересирани за нашиот регион и откривање на нови интересни локации кои ќе им бидат понудени на туристите кои оваа година ќе сакаат да ја “откријат Македонија„. Туристичката информативна канцеларија веднаш после саемот стапи во контакт со сите агенции кои бараа соработка со Паркот а првичните резултати од ова ги очекуваме со доаѓањето на пролетта кога започнуваат организираните екскурзии.